Meta затвори десетици илјади профили на Instagram од Нигерија како дел од борбата против измамите со сексуална изнуда. Мета биле претежно возрасни мажи од САД, но меѓу нив имало и малолетници.

Овој потег на Meta е дел од поголемите напори за борба против измамата поврзана со сексуална изнуда на платформата Instagram во последните месеци. Претходно годинава, компанијата додаде безбедносна функција на пораките на Instagram за автоматско откривање на голотија и ги предупреди корисниците за потенцијални измами со уцена. Компанијата, исто така, обезбеди ресурси во апликацијата и безбедносни совети за да им помогне на корисниците во случаите на гореспоменатите измами.
Meta рече дека меѓу 63.000 деактивирани профили на Instagram имало 2.500 кои биле поврзани со група од околу 20 луѓе кои соработувале и вршеле измами. Отстранети се и илјадници Facebook групи, кои давале различни совети, како и скрипти и лажни фотографии за идните измамници. Овие сметки биле поврзани со групата Yahoo Boys, „лабаво организирани сајбер-криминалци кои оперираат главно од Нигерија и кои се специјализирани за разни видови измами“.
Meta е под посебна лупа затоа што не направи доволно за да ги заштити тинејџерите од сексуална злоупотреба на своите апликации. За време на сослушувањето во Сенатот претходно годинава, сенаторката Линдзи Греам го праша извршниот директор Марк Закерберг дали родителите на детето кое извршило самоубиство откако било измамено треба да можат да ја тужат компанијата.
Иако компанијата тврди дека повеќето од измамниците откриени неодамна биле насочени кон возрасни, меѓу жртвите имало и малолетници.