Софтвер

Microsoft го најави „новиот“ Windows 1.0, но уште не знаеме што значи тоа

2. јули 2019 - 12:42 | К.З.

Тимот кој ги одржува социјалните мрежи на Microsoft синоќа малку си поигра со нас и објави видео во кое го најавува „новиот Windows 1.0“. Сите оние кои барем малку се упатени во технологијата знаат дека Windows 1.0 излезе уште во 1985 година. Но, изгледа дека најавата не е само задоцнета првоаприлска шега, туку многу повеќе од тоа.

„Ви го претставуваме новиот Windows 1.0 со MS-DOS Executive, Clock и многу повеќе“, пишува во објавата на официјалниот Twitter профил на Windows.

Во објавата може да се види како се менуваше логото на Windows со текот на годините, а заврши со логото за Windows 1.0, кое компанијата Microsoft реши да го користи како стилски избор на социјалните мрежи.

Работите станаа интересни на Instagram, каде што по објавувањето на видеото компанискиот профил одговораше на прашања од луѓето кои коментираа. Повеќето од одговорите завршуваа со „Останете будни“ и „Повеќе информации наскоро“, што значи дека Windows 1.0 е повеќе од само шега на социјални медиуми.

Што имаат на ум луѓето од Microsoft?

Може да погодуваме до утре и пак нема да бидеме сигурни, но дефинитивно е нешто поврзано со оперативниот систем Windows. Отворена е можноста дека компанијата ќе го направи Windows 1.0 „open source“, исто како што направи со MS-DOS и Windows Calculator.

Или пак, можеби администраторите на социјалните мрежи на Microsoft решија малку да се забавуваат. Во секој случај, задоволни сме од патувањето назад во 1985 година.

Коментирај