Хардвер

Microsoft ќе претстави нова 4К камера за Xbox

24. декември 2018 - 13:52 | К.З.

Microsoft веќе подолго време нема претставено нова камера, но изворите кои разговараа со Пол Турот (кој важи за добар познавач на работата на оваа компанија) тврдат дека новата веб камера ќе се врати на пазарот веќе во следната година.

Според Турот, Microsoft работи на два модели на веб камери со 4К резолуција, од кои барем едната ќе ја поддржува и Xbox гејминг конзолата на истата компанија. Овие камери нема да бидат замена за Kinect (бидејќи немаат сензор за длабочина), но би можеле да се користат за автоматско логирање на повеќе корисници, видео комуникација преку Skype, како и за сите останати работи за кои е неопходна камера.

Што се однесува до Windows, камерите би требало да го поддржуваат Windows Hello начинот на верификација. Тоа би било првпат Microsoft да ја нуди оваа функционалност во посебен уред.

Засега уште не е познато кога камерите ќе бидат достапни на пазарот. Се претпоставува дека барем едната од нив ќе биде понудена како додаток на Surface Hub 2 – 50-инчниот систем на Microsoft кој работи на допир и е наменет за колаборативна работа.

Како и да е, најавата за нова камера на Microsoft може да биде само добра за пазарот, на кој веќе подолго време доминира Logitech. Доаѓањето на конкуренција од сериозна компанија би можело да го размрда овој сегмент од пазарот за компјутерска опрема, кој „заспа“ во последните неколку години поради недостатокот на вистинска конкуренција.

Коментирај