Филм & ТВ

„Midsommar“ постави нови стандарди за хорор филм – „Како да го режирал Сатаната лично“

23. јуни 2019 - 11:06 | А.С.

Најновиот хорор филм „Midsommar“ за кратко време ги крена критериумите за влевање страв во коски и многумина љубители на овој жанр веќе го вбројуваат во најстрашните хорор филмови.

Филмот на режисерот Ари Астер доби бројни позитивни критики, а оние кои го гледале филмот не престануваат да зборуваат за него на социјалните мрежи.

Астер е познат како творецот на „Hereditary“, што се смета за еден од најморничавите филмови на сите времиња.

Меѓутоа, според критиката на Independent, овој филм влегува во сенка на „Midsommar“ бидејќи „Астер се надмина во овој жанр со новото остварување“.

Имајќи го предвид успехот на „Hereditary“, од режисерот не се очекуваше ништо помалку, а според филмските критичари тој успеал да ги исплаши и најтврдокорните љубители на хорор филмови.

Дејството во филмот ја следи приказната за двојка што заминува на патување во Шведска, каде се случува традиционален летен фестивал. Таму ќе се вмешаат во страшен пагански ритуал, додека паралелно се откриваат меѓусебните односи меѓу нив и нивните пријатели.

Почитуваниот критичар Престон Барт во критиката за филмот вели: „Како да го режирал Сатаната лично“, а останатите критичари исто така не штедеа бизарни пофални зборови за филмот во кој главните улоги ги играат Флоренс Пег, Џек Рејнор и Вил Полтер.

Критиките не застанаа во традиционалните медиуми – корисниците на социјалните мрежи не ја кријат возбудата од филмот кој веќе го нарекуваат еден од најдобрите хорори на сите времиња.

„Многу непријатен, мачно духовит и целосно зае*ан филм“, вели еден Twitter корисник.

„Никогаш не сум видела толку извитоперено прецизно прикажано лудило. Го мразам и го обожавам“, вели друга корисничка на Twitter.

Коментирај