Фудбал

Мијатовиќ: Југославија можеше да биде европски или светски шампион

22. јуни 2019 - 13:53 | А.С.

Еден од најдобрите фудбалери во историјата на поранешна Југославија – Предраг Мијатовиќ – даде обемно интервју за BBC во кое зборуваше и за репрезентацијата на СФРЈ.

Мијатовиќ, родум од Подгорица, Црна Гора, беше дел од славната генерација што го освои Светското првенство во 1987 година во младинска конкуренција.

„Имавме среќа што бевме формирани во една силна југословенска лига, па и после Чиле некое време се задржавме во земјата. Денес момчињата премногу рано заминуваат во странство и тоа е голем проблем. Не стигнуваат да се формираат ни како играчи, ни како личности. Не сум човек кој жали по минатото, ама да останевме заедно, ќе врзевме три, четири големи шампионати и со многу среќа, најверојатно ќе освоевме некоја европска или светска титула“, рече Мијатовиќ.

Легендарниот фудбалер кој играл за Будуќност Подгорица, Партизан, Валенсија, Реал Мадрид, Фиорентина и за Леванте, истакна дека ги почитува сите големи клубови во Европа, но дека сонот на секое момче кое почнало да игра фудбал е еден ден да го облече дресот на Реал Мадрид.

„Оној кој ќе рече дека не е така, не ја кажува вистината. Реал е најголемиот клуб што носи огромен притисок и играчите мора да го сфатат тоа кога ќе дојдат таму“, порача Мијатовиќ.

На прашањето како тој и Давор Шукер успеале да ги зачуваат пријателските односи во овие тешки времиња, тој вели:

„Не ми беше тешко да ги одржам односите бидејќи со тие луѓе од цела поранешна Југославија играв, се дружев, заедно освојувавме трофеи. Не дозволивме ситуациите да нѐ оддалечат. Всушност, не се спортистите оние кои ги зафркнаа работите. Второ, навистина немав потреба на тој начин да докажувам патриотизам, ниту пак да бидам примитивец кому политиката ќе му наметнува начин на размислување. Едноставно, не можеше да дојде некој трет од страна и да рече: ‘Сега не треба да се дружиме со него бидејќи е Хрват’“, раскажа Мијатовиќ.

Коментирај