Љубов и секс

Микроневерство – Изневерувањето без секс е најновиот „тренд“ што многумина го прифаќаат

12. јуни 2019 - 11:28 | А.С.

Дали има простор за загриженост или флертувањето со луѓе кои не ви се партнери, понекогаш, до одредена мера, е добро за вашата врска?

Во првите неколку месеци од врската најверојатно ги чувствувате „пеперутките во стомак“ и одвај чекате да добиете порака од саканата личност. Меѓутоа, по некое време тоа возбудување почнува да бледнее и може да паднете во искушение повторно да го побарате тоа чувство на друго место, но целото тоа да не заврши со секс.

Ако разменувате флертувачки пораки со некој кој не е вашиот партнер, постојано си коментирате и „лајкувате“ објави или оставате емотикони со значење на привлечност на неговите/нејзините фотографии на Instagram, можно е да се имате впуштено во „микроизневерување“.

Овој термин подразбира широк спектар на активности и однесувања што не се доволно шокантни за да се „квалификуваат“ како изневерување, но дефинитивно се сомнителни.

Терминот почна да се користи од неодамна, а „принципот“ почнува да станува тренд со кој многумина се согласуваат, додека за други е причина за загриженост и не знаат како би реагирале ако партнерот им направи нешто такво.

Експертите за врски велат дека ако активностите се задржат на тоа ниво, ваквото однесување не е причина за загриженост. Тие додаваат дека ваквото флертување може и да биде добро за врската, но сепак, сѐ зависи од карактерот на партнерите и типот на нивната врска.

Ова се неколку „показатели“ што ќе ви помогнат да идентификувате дали станува збор за безопасно флертување или е нешто што може да прерасне во сериозен проблем.

Според мислењето на психотерапевтот и експерт за врски Лиса Бретман од Њујорк, микроизневерувањето до некаде е неправеден термин. Кога малку подобро ќе размислите за ова, поголемиот дел од луѓето во врска или во брак барем еднаш се нашле во ситуација што била некаков облик на микроизневерување, што е сосема нормално.

„Фантазирањето за некој друг кој не е вашиот партнер е вообичаено и за мажите и за жените. Ние сме сексуални битија и е природно да не привлекуваат и други луѓе“, вели Бретман.

Мит е верувањето дека ако сте во сериозна врска не треба веќе никогаш да ве привлекува некој друг. (Всушност, според едно британско истражување од 2015 година, речиси 46% од жените и 42% од мажите за време на сексот фантазирале за некој друг кој не е нивниот партнер.)

Сосема е неразумно да очекувате дека вашиот партнер нема да се „впушти“ во некаков облик на микроизневерување, вели Џастин Лемилер кој прави истражувања на оваа тема.

Во интервју за The Cut тој вака го формулира тоа: Овој термин открива имплицитно барање нашите партнери никогаш да не обрнуваат внимание никому освен нам. Никогаш. Таквата посесивност е нездрав и нереалистичен пристап кон љубовта.

Лемилер исто така вели дека воспоставувањето на блиски пријателства со луѓе кои не се вашиот партнер се од клучно значење за вашето ментално здравје и добросостојба, а исто така може да послужи и за јакнење на вашата врска.

Затоа, вели тој, нема потреба да се чувствувате виновни бидејќи сте се зближиле со колега/колешка од работа бидејќи ја гледате истата серија и уживате да си разменувате мислења за тоа, секако, ако тука завршува вашето интересирање за нив.

Исто така, многу е важно да се напомене дека „дефиницијата“ за микроизневерување варира од една двојка до друга. Разменувањето пораки со симпатичната колешка со премногу емотикони или постојано „лајкување“ објави на Instagram на дечкото кој сте го запознале во теретана може да биде вознемирувачко за личноста со која сте во врска, додека за други тоа воопшто не претставува проблем.

Доктор Џесика О’Рајли, сексолог и уредничка на радиоемисијата „Секс со доктор Џес“ вели дека е генерализирано ваквото однесување да се смета за „микроизневерување“.

„Секако, некои од овие однесувања може да бидат проблематични и може да предизвикаат напнатост во врската, но самата тензија не е доказ дека вашето однесување било непримерно“, вели таа.

„Компатибилноста и моногамијата се субјективни концепти“, додава О’Рајли.

„Најважно е како таквото однесување влијае на тоа како вие се чувствувате. Ако вашата партнерка постојано зборува за тоа колку е згоден нејзиниот колега или дека кажува многу смешни шеги на работа, нормално е да почувствувате мала несигурност.“

Меѓутоа, додава докторката, мора конструктивно да се справите со вашата несигурност.

Побарајте кој е изворот на вашата несигурност и истражете го тоа, сами или со партнерот/партнерката. Ако постојано и детално ја следите активноста на сакана личност на социјалните мрежи, прашајте се зошто го правите тоа. Следењето на оваа активност може да биде знак на претерана контрола, што не е здраво ни за вас ни за врската. Пред да заземете улога на детектив, прашајте се зошто го правите тоа и дали можеби ги толкувате нештата на погрешен начин.

Истото важи и ако постојано ги проверувате профилите на бившите или им праќате симпатични пораки за добро утро на луѓе кои не се вашиот партнер. Зошто го правите тоа? Ви недостига интимност? Или едноставно сакате да го задржите контактот со таа личност?

Комуникацијата е многу важен дел од секоја врска. Без разлика дали веќе се јавил сомнежот или само сте забележале некое однесување (кај себе или кај другиот) што ве загрижува, најдобро е да разговарате за тие стравови и грижи пред да почнете да си „правите филмови“ во главата и да ве фаќа параноја.

Бидете искрени за своите чувства, потреби и стравови, кон себе и кон партнерот. Ако не можете да го направите тоа, тогаш вие имате поголем проблем во врската, а тоа не е микроизневерувањето.

Коментирај