Се чини дека нема место во светот каде што не наоѓаме микропластика. Таа е насекаде каде што ќе погледнеме, од дното на океанот до највисокиот врв на Земјата.

И сега почнуваме да разбираме зошто. Покрај тоа што ова микроскопско ѓубре се наоѓа и во нашите тела, очигледно може да се шири низ воздухот, односно да лебди низ атмосферата; барем додека нешто не го спречи.
Во новото истражување, научниците користеле интересен метод за следење на овој подмолен феномен на загадување на воздухот. Тие анализираа нешто што е природно и што е насекаде околу нас - пајажина.
Мрежите се полни со микропластика
„Пајаците се насекаде, вклучително и во градовите. Нивните лепливи мрежи се идеална замка за сè што лебди во воздухот“, вели геохемичарот Барбара Шолц-Ботчер од Универзитетот Карл фон Осиецки во Германија.
Можеби нивните мрежи не се убава глетка за нас и честопати ни даваат дополнителна работа при чистењето на домот, но тие се покажаа како одличен органски материјал за следење на контаминацијата со честички во урбана атмосфера.
Откако екологистот Ребека Сусмут собра пајажина на автобуските постојки во градот Олденбург во северозападна Германија, експертите ги анализираа за да видат дали во нив има микропластика. И се покажа дека има, и тоа во голема мера.

Сите анализирани пајакови мрежи беа контаминирани со микропластика, која може да сочинува до 10 проценти од тежината на мрежата. Околу 90 проценти од пронајдените микропластики беа варијации на PET (полиетилен терефталат), со доминација на C-PET полимерот.
Друг извор на микропластика беа честичките на абење на гумите (TWP) при сопирање и забрзување. Иако TWP технички не спаѓа во категоријата пластика, сè повеќе експерти веруваат дека поради својот состав спаѓа во дефиницијата за загадување од микропластика, пишува Science Alert.
Одличен метод за следење на загадувањето на воздухот
Додека овие наоди се уште еден мрачен потсетник за сеприсутното загадување на овие микрочестички, научниците барем успеаја да искористат паметен и ефтин начин за следење на нивото на загадување.
Имено, пајаковите мрежи се користат за вакви цели на тестирање на загадувањето на животната средина најмалку 30 години. Но, ова е првпат на овој начин да се мери нивото на микропластика во воздухот.
„Покриените автобуски постојки ги има насекаде низ светот, како и пајажината. Затоа, пајажината е лесно достапен медиум за следење на загадувањето од микропластика во урбаниот воздух.“
Истражувањето Plastic in the air?! - Spider webs as spatial and temporal mirror for microplastics including tire wear particles in urban air беше објавено во списанието Science of the Total Environment.