Селекторот на македонската фудбалска репрезентација ги сподели своите очекувања за составот кој денеска на пладне го објави, а е за претстојните натпревари од Лигата на нации.
Благоја Милевски, кој на почетокот од месецов имаше и интервју за нашата веб-страница, повика 28 играчи од кои и тројца кои за прв пат се дел од сениорскиот состав.
„Базата на тимот веќе ја имаме со фудбалерите кои ги одиграа натпреварите за пласман на Светското првенство, но нашата цел е тројцата нови фудбалери во составот Димоски, Гроздановски и Фазлагиќ да донесат одредено освежување во репрезентацијата.
Шанса за потврда на својот потенцијал и квалитет ќе добијат сите и низ подготовките и натпреварите, помладите фудбалери треба да покажат дека можат да бидат важен дел од репрезентацијата во нашите натпревари од квалификациите за Европското првенство чија жрепка е закажана во октомври“, вели тој во изјава пренесена од ФФМ.
Репрезентацијата во овој интернационален прозорец ќе биде без преморениот Аријан Адеми и повредените Тихомир Костадинов, Адис Јаховиќ и Јани Атанасов.
„Се надевам на многу позитивни работи во периодот што ни следува, иако распоредот ни наметнува четири натпревара, а фудбалерите завршија со клупски активности. Дел од нив како последица од напорната сезона и бројот на одиграни натпревари нема да бидат во комбинација за настап за натпреварите кои ни следуваат, а ќе видиме каква е ситуацијата со дел од играчите кои имаат повреда и дали ќе бидат во можност да настапат“.
Македонија има дури 4 натпревари во првата половина од јуни, од 2 до 12-ти, а против Бугарија (2, гости) Гибралтар (5, гости), Грузија (9, дома) и Гибралтар (12, дома). Сите се дел од Групата 4 во Лигата Ц на Лигата на нации. Преостанатите две кола се закажани за крајот на септември.