Во пресрет на утрешниот натпревар против Латвија од 5. коло во групата Ц4 од Лига на нации, прес-конференција одржа селекторот Благоја Милевски, а присуствуваше и голманот Столе Димитриевски.
„Максимален респект за Летонија. Воопшто не треба да нѐ залажува резултатот од првиот меч [Македонија победи со 3:0], одиме максимално, одговорно кон нов добар резултат. Имам потенцирано многу пати дека овие момци, без разлика што им се случува во клубовите, повреди, натпреварувачка форма која е лоша, кога доаѓаат за репрезентација даваат 100%. Нивниот карактер како играчи, но и како личности се перфектни и тоа им помага кога доаѓаат на собир на репрезентација да бидат на највисоко ниво. Тоа што им се случува во клубовите не е во наша моќ, но по она што го покажуваат во репрезентацијата, јас имам само пофални зборови“, рече селекторот.
Тој потоа додаде и дека е задоволен од новаците во репрезентацијата, триото Марко Алчевски, Бојан Илиевски и Сефер Емини.
„Секој си има план и подготовка. Спремни сме на сѐ она што нѐ очекува околу утрешниот противник. На нас самите е да одиграме. Ме радува што за нештата сами одлучуваме. Морам да го истакнам задоволството од она што го видов како информација на терен што се однесува до новите фудбалери во тимот. Имаат потенцијал за да бидат дел од овој тим“.
Селекторот информираше и дека капитенот Енис Барди ер незивесен за настап утре оти има вирус.
„Поради вирус Барди е неизвесен за утрешниот меч. Одамна има проблем со гласните жици и до утре нема да знаеме дали ќе може да настапи“.
Поради тоа на денешниот прес беше заменик-капитенот, голманот Столе Димитриевски, иако најавен беше Барди. Тој рече дека поскаува повторно да не прими гол.
„Сакам и по овој натпревар да останам со чиста мрежа. Кога нагласувам на прес-конференција дека сакам чиста мрежа, ми носи среќа и се разбира дека тоа ми е целта и за утрешниот меч“.
Од претходните 4 натпревари Димитриевски остана несовладан на последните три, а прими гол единствено во мечот од 1. коло кај Фарски Острови, и тоа од белата точка.
Македонија ја пречекува Латвија в четврток од 20:45 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје.