Фудбал

„Милионерите“ се подготвуваат за новата сезона со три засилувања во два дена

22. мај 2019 - 15:23 | К.З.

„Милионерите“ од Дортмунд доживеаја разочарување на крајот на оваа сезона, во која завршија втори во лигата, иако беа на првото место на табелата во 2/3 од сезоната. Но, раководството на клубот напорно работи на подобрување на составот, а доказ за тоа се трите трансфери кои беа официјализирани во последните два дена.

Најпрво Нико Шулц, а денеска Торган Азар и Џулијан Брант ги официјализираа нивните трансфери во Борусија Дортмунд, каде ќе се обидат да му помогнат на клубот да стигне до нова титула во Бундеслигата

Нико Шулц е лев бек кој пристигна од Хофенхајм за 27 милиони евра и тој би требало да го засили делот од одбраната во кој досега оперираше Марсел Шмелцер. Шулц има 26 години и зад себе остави одлична сезона во Хофенхајм, а во минатото играше и за Борусија Менхенгладбах, каде соработуваше со актуелниот тренер на „милионерите“, Лусиен Фавр.

Сепак, навивачите се далеку повозбудени за пристигнувањето на белгискиот репрезентативец Торган Азар – помладиот брат на суперѕвездата на Челзи, Еден Азар. Тој пристигнува во Дортмунд за сума околу 40 милиони евра, а конечниот износ ќе зависи од бонусите и клаузулите во договорот.

Третиот трансфер во овие два дена е оној на Џулијан Брант, кој пристигнува од Баер Леверкузен за 25 милиони евра. Зад него останува најдобрата сезона во кариерата, со 7 гола и 11 асистенции, а ниската сума на трансферот е поради тоа што Брант имаше само една година на договорот со клубот од Леверкузен.

Очекувањата во Дортмунд за наредната сезона се исклучително високи, бидејќи по неколку години, „милионерите“ повторно имаат конкурентен состав и тренер кој го негува офанзивниот, атрактивен фудбал. Доминацијата на Баерн Минхен сезонава висеше на конец, но наредната сезона конечно може да биде прекината низата од седум последователни титули.

Коментирај