Саше Ивановски – Политико вечерва бил нападнат од страна на бизнисменот Минчо Јорданов по завршувањето на настанот за одбележување 20 години од постоењето на „Макстил“, каде како гости беа и вицепремиерот Кочо Анѓушев, претседателот Ѓорге Иванов и амбасадори.
„Ме нападна и ми го скрши телефонот. Бев и го пријавив во полиција. Јас по настанот му пристапив на Јорданов со намера да му поставам неколку прашања. Тој се согласи, но кога го прашав за изградбата на новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ од страна на неговата ‘Бетон’ и зошто им ја подари, ми се нафрли да ме напаѓа, па други бизнисмени го држеа за да ме одбранат. Тој се обидуваше да ми го земе телефонот со кој снимав и на крајот успеа, па го стави во џебот, па се тргавме за телефонот и на крајот телохранителите ме исфрлија. Телефонот потоа ми го вратија искршен“ изјави Ивановски.
Ивановски вели дека Јорданов реагирал и кога го прашал дали се плаши од истрагите на СЈО за тендерите за „Скопје 2014“, од каде што неговата „ДГ Бетон“ АД Скопје наплатила над 216 милиони евра.