Минималната маса на болидите за новата сезона во Формула 1 нема да се намали за 2 килограма како што беше планирано, туку ќе остане иста како и минатата година благодарение на потешките гуми и новите кутии за електроника пропишани од ФИА.

Формула 1 болидите стануваат сѐ потешки, а од 2013 година минималната тежина е зголемена за цели 155 килограми. За да се запре овој тренд, за оваа сезона е планирано намалување на минималната маса за симболични 2 килограма, пренесува MAXF1.net.
Но, тоа нема да се случи бидејќи новите гуми на Pirelli, кои треба да го намалат подуправувањето, се потешки од ланските, а ФИА пропишува и нови кутии за електроника за оваа сезона, кои додаваат 0,4 килограми во однос на минатата сезона.
За да ги промени правилата без согласност на тимовите, ФИА се повика на членот 4.3 од техничкиот пропис, кој дозволува да ја промени минималната тежина доколку новите гуми се потешки од ланските гуми поради нова конструкција.
Затоа минималната маса на болидите за 2023 година останува 798 килограми, како и лани, а доколку тимовите сакаат да останат под минималната граница, ќе мора да ги компензираат тие неколку вишок килограми поради потешките гуми и новата кутија за електроника.
Минатата година ФИА во последен момент ја зголеми минималната тежина од 795 на 798 килограми за да ја компензира дополнителната маса потребна за зацврстување на подот на болидот, откако потскокнувањето се покажа како сериозен проблем.
И покрај зголемувањето на границата на 798 килограми, тимовите сепак имаа многу проблеми да ја спуштат тежината под таа граница, па некои тимови како Ред Бул и Мерцедес имаа по 10 килограми плус, додека тимот на Алфа Ромео беше најдобар по ова прашање.