На денешната прес-конференција, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изнесе нови информации околу истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 59 лица а повредени се 163.
Министерот денеска информираше дека пожарот во дискотеката настанал од употребата на пиротехнички средства. Според проценката, во дискотеката имало околу 500 лица, на претходно продадени 250 карти.
Тој истакна дека над 20 лица се осомничени за целиот настан. Според Тошковски, пиротехничките средства кои беа причина за пожарот, ги донел бендот ДНК и лицето кое ракувало со нив загинало во пожарот.
„Концертот било одржан на диво, без писмен договор со изведувачите“, истакна Тошковски.
„Не спиевме овие девет месеци, вие новинарите сте сведоци. Спроведовме еден тон постапки како што не беа спроведени во минатото, рече министерот за внатрешни работи.
Министерот, кој дискотеката „Пулс“ ја нарече штала“, истакна дека тој објект функционирал 15 години со криминал, мито, корупција и без никакви услови.
Според него, МВР нема обврска да го обезбедува секој угостителски објект.
„Дали МВР е надлежно за обезбедување на јавен ред и мир? Да. Дали согласно закон, МВР треба да ги обезбедува објектите во Македонија? Не. Така е по закон. МВР не може да ги обезбедува сите објекти. Дали МВР требало да било известено за употреба на пиротехника? Да, но, не е известено“, кажа министерот.
„Мора да смогнеме сили и да дадеме сè од себеси и да направиме се, за Македонија да биде повторно нормална земја. Сите сме свесни дека корупцијата и криминалот ја изедоа оваа земја. Ако се прашувам лично, спремен сум се да сторам што е во рамки на моја надлежност за оваа држава да ја направиме пристојно место за живеење. Сите сакаме да живееме во нормална држава, но, од овие кои што го цицаат системот секојдневно, сме на ова дереџе на кое што сме“, истакна Тошковски.
Тој рече дека во однос на работното време, дали дискотеката требала да работи или не по полноќ, по законска регулатива на ноќни барови и кабареа имаат можност да работат до 4 часот наутро.
„Нема да застанеме со процесни дејствија, констатиравме дека системот во Македонија е корумпиран на тоа ниво што слободно можеме да кажеме дека имаме катастрофална состојба во однос на постапување на институциите кои требало да реагираат во однос на објектот и потребните услови за негово функционирање, поради што во текот на денот ќе има многу лица кои ќе бидат приведени, вклучувајќи ги МВР и други институции, во текот на денот ќе биде информирана јавноста“, соопшти министерот Тошковски.
Утрото имале конултации околу издавањето лиценца и работа на вакви објекти, и слободно може да се заклучи дека Македонија нема систем кои би можел да превенира еден ваков ужасен настан, посочи министерот.
„Секој оној кој има директна и индеиректна вина во однос на овој случај ќе одговара, поранешен или сегашен, ќе одговара“ пренесе Тошковски.