Фудбал

Мишел Платини во притвор поради „местење“ на изборот за СП 2022

18. јуни 2019 - 11:04 | К.З.

Поранешниот претседател на УЕФА и главен шеф на европскиот фудбал, Мишел Платини, утрово беше притворен во францускиот главен град Париз како дел од истрагата за корупција во случајот за доделување на правата за организација на Светското првенство во 2022 на Катар.

Платини (63) беше претседател на УЕФА од 2007 година, кога го замени покојниот Ленарт Јохансон, до 2016 година – кога мораше да отстапи од функцијата поради тоа што доби забрана за работа во фудбалот во наредните шест години. Кратко потоа, забраната беше намалена на четири години.

Иако случајот се сметаше за предмет во мирување, Мишел Платини утрово беше ставен во притвор од страна на истражувачите кои се обидуваат да ги расчистат околностите поврзани со избирањето на Катар како земја-домаќин на СП 2022 година. Тој беше однесен во канцелариите на Антикорупцискиот оддел за да му биде спроведено испрашување.

Во 2014 година, Платини призна дека одржал состанок со поранешниот претставник на азиската федерација, Мохамед Бин Хаман, неколку денови пред да биде одржано гласањето за домаќин на СП 2022. Подоцна, истражувањата покажаа дека двајцата се сретнале „помеѓу 30 и 50 пати“. Дополнително, беше откриено дека Платини примил „подарок“ од Блатер во вредност од 1,35 милиони фунти (2 милиони швајцарски франци), по што двајцата добија забрана за работа во фудбалот.

Коментирај