На денешен ден, пред 59 години во Далас беше убиен американскиот претседател Џон Ф. Кенеди. Според мислењето на многумина, атентатот никогаш во целост не е разјаснет бидејќи осомничениот Ли Харви Освалд беше убиен во текот на трансфер во притвор.

Кенеди беше во друштво на сопругата Жаклин Кенеди и потпретседателот Линдон Џонсон во текот на дводневно патување во Тексас, со цел да собере средства за претстојните избори. Патувањето веројатно било замислено како обид да се помогне во обединувањето на Демократската партија во држава клучна за Кенеди повторно да победи на изборите во 1964 година.
Кенеди бил топло пречекан во Сан Антонио и во Хјустон, како и во Форт Ворт каде преноќил на 21 ноември. Наредниот ден колоната автомобили тргнала кон центарот на Далас, а претседателскиот кабриолет минал покрај висококатницата Texas School Book Depository.
Неколку моменти подоцна, околу 12: 30 часот се слушнале истрели. Еден куршум го погодил вратот на Кенеди, му излегол низ грлото, а потоа веројатно минал низ рамето и зглобот на гувернерот Конели. Друг куршум го погодил Кенеди во задниот дел на главата.
Напорите на лекарите биле залудни откако автомобилот брзо пристигнал во Меморијалната болница Паркленд. Кенеди бил прогласен за мртов во 13:00 часот. Конели преживеал.

Американците останале во шок, исто како и луѓето низ светот. Имало и драматична потера по наводниот напаѓач. Во близина на прозорец на шестиот кат на зградата, со поглед кон плоштадот, биле најдени куршуми. Пушката, за која подоцна се покажа дека му припаѓала на Освалд, е откриена на друго место на шестиот кат.
Освалд работел во таа зграда, а бил виден на шестиот кат половина час пред пукањето. Непосредно пред пукањето, бил пресретнат од полицајци. Полицијата го објавила неговиот опис.
Благодарение на тоа, бил препознаен од полицаец, но Освалд го убил со револвер во присуство на бројни сведоци. Подоцна бил виден како влегува во театар, каде во 13:50 бил уапсен.
Уште од самиот почеток Освалд тврдел дека е невин. Барал да биде застапуван од Џон Абт, адвокат на Комунистичката партија на САД, познат по одбрана на комунисти. Откако бил во притвор два дена и две ноќи, Освалд бил префрлен во окружен затвор. Утрото на 24 ноември, на настан пренесуван во живот, бил убиен од Џек Руби, кој од претходно ѝ бил познат на полицијата. Руби подоцна сведочел дека пукал во Освалд за ја поштеди Жаклин Кенеди од неговото сведочење.

Освалд бил пренесен во истата болница каде претходно починал Кенеди. Руби бил осуден на смрт. Но, судот во Тексас ја поништил пресудата иако Руби починал пред можност да се одржи ново судење.
Комисијата формирана по атентатот утврдила дека Освалд дејствувал сам, без мешање на Советскиот Сојуз.
Во фокусот на теориите на заговор најчесто се наоѓа Куба, односно долгогодишниот лидер Фидел Кастро. Друга теорија го става Џонсон во средиштето, со цел да си отвори пат тој да ја води земјата. Доказ за оваа теорија наводно има во изјава човек вклучен во аферата „Вотергејт“ и поранешен агент на ЦИА, Хауард Хант Јуниор кој тврдел дека Џонсон им наредил на ЦИА агенти да го убијат Кенеди.