Привремено е прекинато истражувањето за потенцијална вакцина против коронавирусот што ја развива компанијата Johnson&Johnson.
Ваквата одлука беше донесена откако еден од доброволците на кои се тестира вакцината „мистериозно се разболел“. Ситуацијата наводно ја испитува независна комисија за следење на податоците и безбедноста.
Во соопштението се посочува дека ваквите паузи се вообичаени за време на големи истражувања во кои се опфатени десетици илјади луѓе.
Неколку компании ширум светот паралелно работат на наоѓање на ефикасна вакцина против COVID-19, а ова е второ одложување на тестирање. AstraZeneca ја паузираше доцната фаза на тестирање на својата експериментална вакцина, која се развива на Универзитетот во Оксфорд, исто така, поради болест на учесник во студијата.
Тестирањата за вакцината во Велика Британија, Бразил, Јужна Африка и Индија продолжија, но сè уште се на пауза во САД.
Johnson&Johnson минатиот месец соопшти дека нејзината експериментална вакцина против COVID-19 произведува силен имунолошки одговор во раната и средната фаза на испитувањето, по што започна последната фаза со 60.000 учесници, а резултатите се очекуваа подоцна оваа година или во почетокот на следната.