Свет

Мито од милион долари среде дипломатскиот судир меѓу САД и Иран

5. септември 2019 - 9:14 | МИА

Американскиот Стејт департмент му понудил милиони долари на капетанот на иранскиот танкер што се најде во центарот на дипломатскиот судир заради сомнежот дека превезува нафта за Сирија, јави BBC.

Брајан Хок од американското министерство му пишал порака на капетанот на танкерот „Адријан Дарја“, а во неа бара во замена за пари бродот да застане на место каде САД ќе можат да го запленат.

Сѐ уште постојат сомневања дека танкерот превезува нафта за Сирија, а од истите причини во јули беше запленет од Велика Британија, кај Гибралтар.

Ослободен беше на крајот од минатиот месец, откако иранските власти дадоа гаранции за тоа каде ќе се упати. САД се обидоа да го спречат одсободувањето на танкерот, а откако не успеаја веднаш издадоа наредба за негово запленување.

Веста за паричната понуда вчера прв ја објави весникот Financial Times, а потоа ја потврди и Стејт департментот.

Весникот пренесува дека капетанот Кумар ја игнорирал пораката. Шефот на иранската дипломатија Мохамад Џавид Зариф на Твитер ги обвини САД за „невидениот обид за поткуп“’.

Танкерот „Адријан Дарја“, што претходно се викаше „Грејс 1“, во моментов се наоѓа во источен Медитеран, а откако е ослободен веќе неколку пати го менува правецот на пловење.

Коментирај