МК сцена

Мјузик Прогресив ќе ја промовира македонската музика во САД

17. март 2012 - 11:00 | Макфакс

Почнувајќи од денес во наредните десет дена, квартетот Мјузик Прогресив по трет пат ќе гостува во САД каде што ќе одржи пет концерти и еден мастер клас претставувајќи го македонскиот мелос пред американската публика.

На фестивалот „Балкански музички вечери" кој оваа година се одржува по 27-ми пат во градот Конкорд во сојузната американска држава Масачусетс, македонскиот квартет Мјузик Прогресив ќе ја започне турнејата со настап на главната сцена во уметничкиот центар на Нова Англија. Во конкуренција на 25 музички состави, организаторот на фестивалот го одбра Мјузик прогресив да се претстави како во централната програма, така и во рамките на оф-програмата, истата вечер.

По овие две изведби, следува настапот во Бостон, во култниот џез клуб „Лилипед", каде свои настапи истиот месец ќе имаат и „MMВ" триотото, тенор саксофонистот Џерт Беронзи и џезерот Том Закарели.

Потоа, по покана на реноминраната музичка академија „Лонџи" во Бостон, членовите на Мјузик Прогресив квартет ќе одржат концерт и семинар - работилница за студентите на оваа академија, која оваа година прославува 97-годишнина од своето постоење. На оваа работилница, музичарите од Мјузик Прогресив ќе говорат за камерното музицирање, традиционалната македонска музика и фолклор со препознатливите неправилни ритми, како и за својот професионален развој.

По настапите во Бостон, следуваат два настапи во Њујорк. Првиот ќе се случи во џез клубот „Дром", каде што заедно со композиторот Дуке Бојаџиев ќе настапат по повод промоцијата на неговиот нов аудио запис „Сон, верба, љубов". Вториот настап во Њујорк, кој водено ќе биде и завршен концерт на десетдневната турнеја на овој состав ќе се реализира на настанот „ЕМСИ Мандејс" во организација на Милица Параносиќ, продуцент и професор на престижната музичка академија „Џулијард".

Мјузик Прогресив квартет (Music Progressive Quartet) е камерен музички ансамбл, формиран во 2007 година во кој членуваат обоистот Владимир Лазаревски, виолинистот Владимир Крстев, виолистoт и композитор Марко Виденовиќ. како и челистот Паскал Краповски. Главна идеја и воедно движечка сила на овие млади музичари е да донесат нов звук на светската музичка сцена, презентирајќи го успешно македонскиот традиционален фолклор со влијание на модерниот џез, и сето тоа отсвирено оргинално на инструменти кои најчесто се застапени во класичната музика.

Квартетот досега има одржано голем број концерти, како во Македонија, така и во странство. Најзабележителниот настап на квартетот е концертот во октомври 2009 година, во познатиот џез клуб во Виена „Porgy & Bess", каде што покрај својот самостоен концерт, членовите на Мјузик прогресив имаа и заеднички настап со истакнатиот македонски џез музичар Тони Китановски.

Портфолиото на квартетот вклучува настапи на фестивали како: „ Blues and Jazz Rallye " во Луксембург, „Balkan music nights" во Конкорд, САД, „Geza Balazs Gari jazz festival" во Кикинда,Србија, "Денови на словенска писменост" во Москва, "Ensemble studio theatre" во Њујорк, "Битфест" во Битола, "Modooars" во Скопје и други.

Во 2009 година, квартетот го издаде својот прв носач на звук „Stream".

Членовите и основачи на Мјузик Прогресив се дел од поставата на Македонската филхармонија, а воедно и предаваат на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев" во Штип

Коментирај