Фудбал

Мкитарјан ќе го пропушти финалето на Лига Европа поради политички причини

21. мај 2019 - 14:07 | К.З.

Арсенал денеска потврди дека Ерменецот Хенрик Мкитарјан ќе го пропушти финалето од Лига Европа против Челзи, кое ќе се одигра на 29 мај. Фудбалерот на „топџиите“ ќе го пропушти натпреварот поради дипломатски тензии помеѓу неговата родна земја Ерменија и Азербејџан, чиј главен град е домаќин на финалето.

Ова не е непознат случај за Мкитарјан, бидејќи тој ги пропушти последните два гостински натпревари кога неговиот тим требаше да игра против противници од Азербејџан.

И покрај тоа што државата Азербејџан му гарантира целосна безбедност на Хенрик Мкитарјан, УЕФА и Арсенал сметаат дека ризикот е преголем за тој да отпатува заедно со тимот. Оваа одлука создава големи проблеми за Унаи Емери, чија ротација за натпреварот е скратена за уште еден играч, откако една недела претходно Арон Ремзи се повреди и стави крај на настапите за оваа сезона.

„Многу сме разочарани што мора да соопштиме дека Хенрик Мкитарјан нема да патува заедно со составот за нашето финале од Лига Европа против Челзи. Откако разговаравме со него и неговото семејство, заедно се договоривме дека тој нема да биде дел од тимот на нашето патување“, пишува во изјавата на Арсенал.

УЕФА во моментов се соочува со огромен притисок поради одлуката да закаже финале на европско натпреварување во земја која не дозволува влез на странски граѓани поради дипломатски причини.

Коментирај