Индонезискиот мотоциклист Афридза Мунандар почина од повредите здобиени од несреќата што ја доживеа на трката на Азискиот куп на таленти на патеката Сепанг.
Инцидентот во кој 20-годишниот Мунандар го загуби животот се случи во десеттата кривина на првиот круг, а на патеката веднаш беше истакнато црвено знаме. На младиот возач му беше укажана прва помош на самата патека, пред итно да биде префрлен со хеликоптер во болница во Куала Лумпур, каде им подлегна на повредите.
Мунандар е еден од мотоциклистите кои ја обележаа оваа сезона во Купот на таленти, запиша две победи и во Сепанг требаше да се бори за титула.
Патеката е омилена меѓу возачите, но е позната и по големи трагедии. Пред 8 години на неа животот го загуби Марко Симончели.