Свет

„Многу добар разговор“ на Трамп и Фон дер Лајен во Давос

21. јануари 2020 - 20:19 | МИА

Американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска имаа средба во Давос, по што обајцата оценија дека имале „многу добар разговор“.

По средбата Трамп изјави пред новинарите дека имале „многу добар разговор“, без да даде дополнителни детали и без да каже дали разговарале за неговата закана за воведување царини за увоз на европски автомобили.

Фон дер Лајен напиша на Twitter дека имала „добра прва средба со Доналд Трамп и размена на мислења за трговија, технологија и енергија на Светскиот економски форум 2020 година“.

„Со нетрпение очекувам да работам со него за можностите и предизвиците што претстојат. Убедена сум дека можеме да се посветиме на позитивна агенда“, напиша таа на Twitter, додавајќи дека продолжението ќе следи „наскоро“ во Вашингтон.

Пред средбата, Трамп изјави дека слушнал дека Фон дер Лајен е тежок преговарач, но се надева дека САД и ЕУ ќе постигнат напредок во однос на новиот трговски договор.

– Прекрасно е да се биде овде со претседателката на Европската комисија и со жена која е многу почитувана, но слушнав дека е тежок преговарач, што е лоша вест за нас, рече Трамп во Давос, каде учествува на 50-от Светски економски форум, додавајќи дека САД сакаат да склучат трговски договор со ЕУ.

Коментирај