Со синоќешниот настап во полуфиналето против Баерн во Минхен, Лука Модриќ влезе во историјата на Реал Мадрид.

Модриќ против Баерн урна рекорд стар 60 години. Со 38 години и 234 дена, тој стана најстариот играч што одиграл натпревар во дресот на Реал Мадрид во Лигата на шампионите или Купот на шампионите.
Досега рекордот го држеше легендарниот Ференц Пушкаш, кој настапи за „Кралскиот клуб“ во ноември 1965 година, исто така во ремито 2:2 на гостувањето кај шкотски Килмарнок, со 38 години и 229 дена.
Хрватскиот играч за врска против Баерн го забележа својот 126. настап во Лигата на шампионите и се наоѓа на 16-тото место на вечната листа. Во историјата на Реал повеќе натпревари од него во Лигата на шампионите имаа одиграно Серхио Рамос (129), Раул Гонсалес (130), Карим Бензема (133) и Икер Касиљас (150).
Модриќ синоќа го забележа 17-тиот настап во полуфиналето на Лигата на шампионите. Во историјата на Лигата на шампионите повеќе настапи од него во оваа фаза од натпреварувањето имаат само Бензема (18), Тони Крос (19) и Кристијано Роналдо (21).