Хрватскиот фудбалер Лука Модриќ (38) стана капитен на европскиот шампион Реал Мадрид, а негов заменик е шпанскиот репрезентативец Дани Карвахал, соопшти во средата претставник на клубот.

„Во претстојната сезона Модриќ ќе биде прв капитен, а Карвахал втор“, изјави функционерот за HINA. Претходно во текот на денот Реал објави дека го продолжил договорот со Модриќ за една година, до 30 јуни 2025 година.
Модриќ ја презеде капитенската лента од 34-годишниот дефанзивец Начо Фернандес, кој го напушти клубот овој месец по истекот на неговиот договор.
Модриќ и Начо се играчите со најмногу трофеи во 122-годишната историја на Реал Мадрид, и двајцата освоија по 26 пехари.
Реал Мадрид, кој минатата сезона стана шампион на Шпанија и Европа, во наредната сезона ќе се бори за седум титули. Доколку успее да освои барем една, капитенот на хрватската репрезентација ќе се истакне како играч со најмногу титули.
Модриќ пристигна на стадионот „Сантјаго Бернабеу“ во летото 2012 година и оттогаш одигра 534 натпревари.
Со ова тој стана третиот странец по бројот на настапи по францускиот напаѓач Карим Бензема и бразилскиот дефанзивец Марсело, а вкупно 14-ти по одиграни натпревари кога се бројат Шпанците. На врвот е поранешниот напаѓач Раул со 741 меч.
Клубот го подмладува тимот, па Модриќ најверојатно нема да биде во стартниот состав и прашање е колку ќе игра. Минатата сезона забележа 46 настапи, од кои половина во стартниот состав. 21-годишниот англиски играч за врска Џуд Белингем беше еден од првите кои преку социјалните мрежи го изрази своето задоволство што Модриќ останува уште една година во Реал, со кого претходниот договор му истече на 30 јуни.
Оваа недела првите играчи пристигнаа во центарот на клубот во северното мадридско предградие Валдебебас. Подоцна ќе се приклучат и фудбалери кои играа на Европското првенство. Тренерот Карло Анчелоти го очекува Модриќ за осум дена. Три дена подоцна тимот ќе лета за САД на подготовки каде на 31 јули ќе игра со Милан, потоа со Барселона и Челси.