Играчот од средниот ред на Реал Мадрид смета дека шпанското првенство е пред нов тежок удар доколку си замине и другиот најдобар светски играч, Лео Меси.
„Ќе биде голема загуба, како што беше кога Кристијано Роналдо си замина. Не може цело време да се мисли на минатото, таков е фудбалот, но како и да е, доколку се случи тоа ќе биде голем удар за престижот на лигата“, изјави Хрватот говорејќи за AFP.
„Мора да гледаме кон иднината, ќе има други фудбалери кои ќе станат ѕвезди. Кога Роналдо го напушти Мадрид се случи истото. Реал продолжи без него и ќе биде ист случај и со заминувањето на Меси, како за Барселона, така и за лигата“, вели тој.
И Модриќ често беше поврзуван со заминување, но инсистира дека останува во шпанската престолнина.
„Оваа година ја освоив мојата втора лигашка титула, сакам да освојам уште. Не знам дали ќе купиме некој, но и да остане истиот тим квалитетот го имаме“.