Фудбал

Модриќ прифати осум месеци затвор за затајување данок во Шпанија

22. септември 2018 - 11:49 | А.С.

Хрватскиот фудбалер Лука Модриќ постигна спогодба со Јавното обвинителство во Шпанија според кое целосно признава вина по обвинението за кое го товари Даночната служба.

Со тоа, ѕвездата на Реал Мадрид ја прифаќа казната од осум месеци затвор за две последователни дела „затајување данок“ што според шпанските служби ја оштетиле државата за 870.728 евра. Модриќ призна дека парите од хонорарите за маркетиншки права ги примал преку сметка на компанија што ја отворил во Луксембург за да избегне плаќање данок во Шпанија. Веста прв ја објави шпанскиот весник „Мундо“.

Иако казната на Модриќ формално нема да биде условна, тој сепак нема да ја издржува казната.

Согласно шпанските закони, казните помали од две години за прв прекршок автоматски се отслужуваат условно.

Даночната евазија на Модриќ ја „улови“ шпанската Даночна служба која утврди дека затаил 290.990 евра во рпиходи во 2013 и 579.738 евра во 2014 година, преку компанија регистрирана во Луксембург, што ја води неговата сопруга Вања Босниќ.

Според спогодбата, Модриќ ќе плати 40% од износот што го затаил, што изнесува 348.291 евро.

Коментирај