Фудбал

Мохамед Салах постигна гол директно од корнер

13. октомври 2018 - 10:07 | К.З.

Репрезентацијата на Египет синоќа на домашен терен триумфираше во натпреварот против Свазиленд во рамките на Африканскиот куп на нации со резултат 4:1. Главната ѕвезда во египетскиот состав ја импресионираше публиката со гол постигнат со директен удар од корнер, но набрзо потоа се повреди и мораше да го напушти натпреварот.

Напаѓачот на Ливерпул не можеше да го заврши натпреварот поради повреда на мускулот со која се здоби по еден старт на противнички играч, но веднаш по мечот египетската фудбалска федерација излезе со добри вести околу ситуацијата.

„Се работи за повреда на мускулот која не е сериозна, но бидејќи резултатот веќе беше во наша корист одлучивме дека нема потреба Мо (Салах) да се враќа на теренот. Сакавме да бидеме претпазливи“, изјави докторот на египетската фудбалска репрезентација.

По подолго време, египетските навивачи можеа да се израдуваат на нова магија на Мохамед Салах. При еден корнер, тој го изненади голманот на Свазиленд и постигна гол директно со удар од аголот.

За Салах тоа беше 38. гол во 60 настапи за египетската репрезентација, која во моментов е на врвот на табелата во групата Ј во Африканскиот куп на нации. Египет има шест бодови, колку што има и второпласираниот Тунис, кој има и натпревар помалку.

Коментирај