Тренерот на Тиквеш, очекувано, е задоволен од синоќешната победа на неговиот тим, остварена откако до 74. минута кавадаречкиот состав губеше со 2:0 од исландскиот Бреидаблик.

Тиквеш дебитираше со победа во Европа, и тоа остварена на маестрален начин - со три гола за епски пресврт во последните 15-ина минути.
„На полувреме им кажав на фудбалерите дека ќе биде греота ако не се вратиме и стигнеме барем до 2:2. Имавме и одреден психолошки момент со некои фудбалери, веројатно тука беше притисокот дека Тиквеш го игра првиот натпревар во Европа. Не е мала работа да се вратиш од 2:0 против ваква екипа, која е редовно во врвот на исландскиот фудбал“, изјави тренерот Ѓорѓи Мојсов на прес-конференцијата по натпреварот.
Тиквеш имаше шанси да постигне и повеќе голови, особено во првото полувреме и при 0:0 кога беше казнет за промашувањата. Мојсов рече дека не им замерува на играчите за утките и најави дека и во реваншот во Исланд ќе оди на победа.
„Промашувањата се дел од фудбалот, никогаш не им замерувам на фудбалерите за такви ситуации. Ние одиме и таму да победиме, нема да се браниме“.
Мојсов на полувремето го освежи тимот со тројца нови играчи, од кои двајца Бразилци кои летово дојдоа во Кавадарци. Но, се чини и дека ветер во грб на тимот му даде и навивањето на навивачката група Лозари, која закасни и на Исток дојде дури на паузата.
„Тиквеш е среќен што има таква навивачка група која секогаш е во комуникација и со нас и со фудбалерите. Сакам и да им се заблагодарам што некогаш и од свој џеб издвојуваа средства за да дадат поддршка. Времето беше и за нив и за нас тешко, сега ние одиме таму на ладно и сигурно нема да се откажеме. Ќе дадеме сѐ од себе да одиме во следната фаза“, заврши Мојсов.
Реваншот меѓу Тиквеш и Бреидаблик ќе се игра следниот четврток (18 јули) на стадионот „Коупавогсвелур“ во градот Коупавогур со почеток од 21:15 часот, или 19:15 по локално исландско време.