Фудбал

Моќниот Динамо е создаден од анонимуси за 6 милиони евра

20. септември 2019 - 11:13 | Ф.З.

Пред точно година и пол загрепскиот клуб имаше тотално друг тим, а најзаслужен за денешниот изглед и резултати е тренерот Ненад Бјелица.

На крајот од сезоната 2017/18 тимот го предводеше Никола Јурчевиќ кој по само два месеца доби отказ откако четири натпревари по ред немаше победа. Тогаш на клупата седна Бјелица. Ја одбрани титулата во лигата, а во куп финалето со 1:0 го совлада Хајдук освојувајќи двојна круна.

Тоа лето Бјелица се фати за вистинската работа, да направи добар тим. Дозволи да си заминат Бенковиќ, Соса, Судани, Чориќ, Фиолиќ и Памиќ, а на нивно место донесе дури 8 нови.

Сите новаци, кој од кој поанонимен беа пречекани со скептицизам од навивачите. Од далечната Јужна Кореја дојде Мислам Оршиќ кој го паметат само најголемите фанови на хрватската лига. Од полски Лех дојде Емир Дилавер, од Гурњик анонимниот Полјак Дамјан Конџор, а смеа предизвика позајмицата на Бруно Петковиќ од Болоња, напаѓач кој две години немаше постигнато гол. За единствени вистински засилувања беа сметани само Французинот Кенин Теофил-Катрин и Марин Леовац. Сите дојдоа на инсистирање на Бјелица.

Денешниот Динамо е составен од играчи купени за само 6 милиони евра. Стојановиќ пред три години дојде од Марибор за 2 милиона, Ливаковиќ за 625.000 од Загреб, а за Периќ на Локомотива ѝ беа платени 120.000 евра. Тие беа на „Максимир“ пред ерата на Бјелица. Новиот тренер потроши милион на Оршиќ, исто толку даде за да го откупи Петковиќ, 800.000 плати за Дилавер, а 300.000 за Леовац доби ПАОК.

Минатото лето, само два месеца по куп триумфот над Хајдук, Димано имаше дури 6 нови играчи во стартните 11 во натпреварот од квалификациите за Лигата на шампиони против израелскиот Хапоел Бе'ер Шева кој го прегази со 5:0. Но, потоа во првото коло од домашниот шампионат Бјелица ги шокираше сите кога против Рудеш ги промени сите 11 играчи и одигра 1:1.

На никој не му беше јасно зошто направи такво нешто, но година дена подоцна, денес на сите им е кристално јасно. Бјелица создаде тим од 25 рамноправни играчи во кој скоро никој не е незадоволен и сите имаат минутажа.

Не погреши со ниедно засилување, а и од оние кои ги затекна направи играчишпа. Дани Олмо веше само голем потенцијал, а за година дена вредноста му рипна на 50 милиони евра. Оршиќ даде хет-трик во дебито во ЛШ, а одбраната не може да се замисли без Дилавер и Теофил-Катрин. Покрај нив двајца Дино Периќ се претвори во одличен стопер, а Амер Гојак преку ноќ стана играч за кој Динамо одбива понуди вредни 8-9 милиони евра. Аријан Адеми игра во животна форма, додека Никола Моро од плашливец стана играч кој става глава каде што некој не би ставил нога.

Од потрошените 6 милиони, Динамо веќе врати пола со натпреварот против Аталанта. За победата од 4:0 доби 2,7 милиони и плус 700.000 од продадените билети. А допрва има за играње уште 5 натпревари во ЛШ од кои два дома плус прашање е колку ќе заработи од продажбата на некои од играчите наредното лето. Динамо веќе е во невиден ќар.

Коментирај