Фудбалерите на Камерун ја шокираа репрезентацијата на Бразил и славеа победа од 1:0 во последниот натпревар од групата Г на Светското првенство, но тоа не им беше доволно за да се пласираат во осминафиналето на турнирот.
Стрелец на победничкиот гол беше камерунскиот капитен Венсан Абубакар во втората минута од судиското продолжение, кога со глава ја упати топката во мрежата по центаршутот на Жером Нгомо Мбекели.
Еден момент подоцна беше исклучен.
За прославувањето на голот со соблекување на горниот дел од дресот, Абубакар доби втор жолт, а потоа и црвен картон.
Судијата неволно му го додели, речиси со извинување, а потоа му подаде рака на играчот што го испраќаше од теренот.
Бразилскиот селектор Тите го изнесе вториот состав на натпреварот против Камерун, а Бразил со него доминираше на теренот и упати вкупно 21 удар кон противничкиот гол. Сепак, единствениот кој заврши во мрежата беше голот на Камерунецот Абубакар во 92. минута.