Меѓународниот кривичен суд одлучи да ја гони Монголија затоа што рускиот претседател Владимир Путин не беше уапсен при посетата на оваа земја, иако против него е распишана меѓународна потерница.
Според Римскиот статут, кој го има потпишано и Монголија, државите се обврзани да апсат лица кои се на нивна територија и по кои активно се трага.
Меѓународниот кривичен суд издаде потерница по Путин на 17 март 2023 година, поради сомневање за воени злосторства во Украина.
Оттогаш Путин само еднаш отпатува во земја која е потписничка на Римскиот статут, основачкиот документ на овој суд, а тоа се случи на 3 септември годинава.
Во објава на својата официјална веб-страница, Меѓународниот кривичен суд рече дека потенцијалните последици за Монголија од овој потег ќе бидат разгледани на собранието на телото на земјите-членки.
Седницата на ова тело вообичаено се одржува еднаш годишно, но можно е да се свика посебна седница поради оваа постапка против Монголија.