Шеснаесетгодишниот Босанец Керим Ахметспахиќ го собори Гинисовиот рекорд кога скрши 111 бетонски блокови со глава. Веста не помина незабележано, а му фати око и на Џон Клис од комичната трупа Монти Пајтон.
Ахметспахиќ го собори рекордот кршејќи со глава 111 бетонски блокови наредени во 16 колони за 35 секунди.
Клис ја искоментира веста на Twitter: „Гледам дека босанскиот шампион во таеквондо Керим Ахмедспахиќ поставил светски рекорд во кршење бетонски блокови со глава. Прашање: Зошто?“.
Англичаните се познати по нивниот специфичен хумор, но Клис сигурно не ја очекуваше лавината реакции, посебно од Босанци, кои покажаа дека и нивната смисла за хумор не е за потценување.
Британскиот актер доби над 200 коментари на твитот, прилично „монтипајтоновски“, во контекст на реалноста во која се живее во БиХ.
Ова беа само дел од досетливите твитови како одговори на твитот на Клис:
„Му рекле да ја користи главата“
„Ова е босанско пополнување на Прашалник за пристапување на ЕУ“
„Која и да била причината, сигурно веќе не може да се сети“
„Ова е еден начин да се соочиш со фактот дека живееш во Босна“