Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин прогласи карантин на територија на главниот град на Русија.
Сите 12,7 милиони жители на Москва ќе мора од денеска да останат во домашна самоизолација, што значи дека градот е официјално под карантин, како мерка за заштита од ширењето на новиот коронавирус.
„Денеска потпишав наредба за дополнителни мерки за да се спречи брзото ширење на коронавирусот. Од утре, самоизолацијата ќе биде задолжителна за сите жители на Москва, без оглед на возраста“, напиша вчера Собјанин на својот блог.
Во Указот се вели дека напуштањето на домовите ќе биде можно само во случај на итна медицинска помош или во случај на опасност по животот и здравјето, за одење на работа ако не може да се работи од дома, за да се изврши набавка и да се прошетаат домашни миленичиња и тоа на оддалеченост од 100 метри од местото на живеење, како и за изнесување ѓубре.
Продолжува важноста на препораките до сите граѓани на Русија да држат растојание од најмалку 1,5 до 2 метри како мерка на заштита.
Според онлајн платформата Meduza, жителите на Москва ќе добијат специјални QR кодови со кои ќе имаат дозвола за движење. Собјанин не го нагласи ова, а исто така не кажа кои се предвидените казни за непочитување на самоизолацијата.
Во Русија во изминатите 24 часа се откриени 270 нови случаи на заразени, додека вкупниот број на пациенти достигна 1.534, од кои 64 се починати. Следната недела, според одлуката на властите, е неработна.