Фудбал

Мотивација за Зидан: Реал Мадрид го договори првото летно засилување

14. март 2019 - 15:52 | К.З.

Вториот мандат на Зинедин Зидан како тренер на Реал Мадрид започна фуриозно, откако денеска клубот најави дека го комплетирал трансферот на бразилскиот стопер Едер Милитао. Тој на лето ќе пристигне од Порто, а Реал Мадрид за трансферот ќе плати 50 милиони евра.

Едер Милитао има само 21 година и сезонава импресионира со настапите за Порто, откако минатото лето пристигна од бразилскиот Сао Паоло.

Раководството на Реал Мадрид покажа дека задачата за следната сезона е сфатена сериозно и само по два дена откако Зинедин Зидан беше најавен за старо/нов тренер на тимот, се комплетираше првиот трансфер. „Кралевите“ ја платија откупната клаузула на Едер Милитао, која чинеше 50 милиони евра, а тој потпиша договор со клубот до 2025 година.

Порто направи огромен профит од трансферот на бразилскиот стопер, кој на почетокот на оваа сезона пристигна од Сао Паоло за сума од 6 милиони евра. Во меѓувреме, 21-годишникот се најде на скаут-листите на сите поголеми европски тимови и неговата цена растеше од ден на ден.

Тој може да игра на позицијата стопер, но може да се снајде и како десен бек и како играч од средината на теренот. Во досегашната кариера има еден настап за сениорската репрезентација на Бразил.

Коментирај