Македонија

Можно е одложување на второто полугодие, според ситуацијата со морбилите на терен

11. јануари 2019 - 13:00 | МИА

Скопје, 11 јануари 2019 (МИА) – Министерството за образование и наука ја следи ситуацијата со епидемијата од морбили, во координација е со министерствата за здравство и за труд и социјална политика и врз основа на состојбата на терен ќе одлучи за евентуално одложување на второто полугодие од учебната 2018/2019 година, што треба да почне на 21 јануари.

-Во целосна коодинација сме и со министерот за  здравство и со министерката за труд и социјална политика, под чија надлежност е предучилишното образование, и сериозно ја следиме ситуацијата. Според тоа што ќе го имаме на терен, ќе преземеме мерки во пресрет на второто полугодие. Ќе биде преземено тоа што е неопходно од наша страна како надлежна институција, изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми по посетата на ОУ „Васил Главинов“ во Чаир кое се реконструира.

Додаде дека со тие две министерства МОН е во координација и за изнаоѓање законско решение со кое, како што рече, ќе се поттикнат сите родители да ги вакцинираат децата затоа што основното образование е задолжително.

-Треба да водиме грижа и за следење на  воспитно-образовниот процес во основно и за вакцинацијата на нашите деца. И во постојниот Закон за основно образование е предвидено дека при упис на децата во основно, нивните родителите треба да докажат дека биле вакцинирани, рече Адеми.

Соопшти и дека втората нацрт-верзија од новиот закон за основното образование е во финална фаза и наскоро ќе биде објавен на електронскиот регистар на прописи (ЕНЕР) и, како што рече, ќе содржи квалитетни решенија.

Коментирај