Култура

МСУ: Погледнете ја „Грабење во просторот“ на дневна светлина, додека сонцето го допира житото

25. јуни 2019 - 16:00 | А.С.

Ретроспективната изложба „Грабење во просторот“ (1981-2019) на Глигор Стефанов неодамна беше отворена во Музејот на современа уметност, како прв настан во рамки на 40. издание на манифестацијата „Скопско лето 2019“.

Претставени се преку 11 инсталаци и 50 фотографии од инсталации кои не можат да се реплицираат.

Изложбата е во продукција на Музејот на современа уметност (МСУ). Кураторскиот тим од оваа културна институција две години ја организирал изложбата и го истражувал целокупното творештво на Стефанов. На изложбата се претставени сите негови циклуси, визии, линеарни интервенции, летала, ангели, гнезда, изработени во периодот од 1981 до 2019 година.

Музејот на современа уметност ја поканува јавноста да ја погледне оваа единствена поставка на дневна светлина:

„Ве покануваме да ја погледнете изложбата ‘Грабење во просторот’ на нашиот единствен по својата страст и авангардност, Глигор Стефанов. Ве покануваме да ја погледнете оваа изложба на дневна светлина, додека сонцето го допира житото. Самата архитектура на Музејот му ја дава единствената предност - искористување на дневната светлина. Таа го следи сонцето oд неговиот изгрев до залезот на Матка. ‘Грабење во просторот’ е една од најмаркантните изложби која сосема го освои просторот на Музејот на современата уметност, која сосема ги освои љубителите на уметноста. Затоа ве покануваме во недела покрај ова уживање да уживаме заедно во modern jazz - музички избор на Игор Спироски и Бојан Чакра, свежо овошје и разладено вино“, стои во најавата за настанот чиј почеток е закажан во 12 часот, во недела, 30 јуни.

Глигор Стефанов е роден во 1956 година во Кавадарци. Дипломирал и магистрирал на Академијата за ликовни уметности во Белград, отсек вајарство. Од 1988 година живеел и работел во Лондон, а од 1995 година се преселил во Виндзор. Зад себе има неколку самостојни, групни и ретроспективни изложби. Добитник е на многу награди, меѓу кои се „Млад борец“ за скулптура, награда „7 Септември“ и други.

Коментирај