Фудбал

Мурињо го нарече де Бур „најлошиот тренер во историјата на Премиер лигата“

13. март 2018 - 13:42 | К.З.

Жозе Мурињо уште еднаш докажа дека нема влакна на јазикот, посебно кога се работи за неговите тренерски ривали. Тој прес-конференцијата пред натпреварот од Лигата на шампионите против Севиља го нападна Франк де Бур и одговори на критиките кои ги доби од Холанѓанецот.

Франк де Бур неодамна беше гостин во студиото на телевизијата BT Sport, каде го критикуваше Мурињо поради односот со Маркус Рашфорд.

Според де Бур, Жозе Мурињо не е вистинскиот тренер за млади играчи како Маркус Рашфорд и тој рече дека е „жално“ што талентиран играч како Англичанецот игра во тим предводен од Мурињо.

„Маркус Рашфорд е млад играч кој треба да добие поголема шанса и треба да му биде простено дури и ако направи грешка. Но, Мурињо не е таков. За жал, тој е тренер на Манчестер Јунајтед, а тој секогаш сака резултати, па затоа им дава шанса на постари, поискусни играчи“, рече де Бур додека гостуваше како стручен коментатор во BT Sport.

Жозе Мурињо не можеше да остане покус и едноставно мораше да му врати на де Бур со подеднакво зајадлив коментар. Тој рече дека де Бур бил најлошиот тренер во историјата на лигата, и не застана тука.

„Прочитав некоја изјава од најлошиот тренер во историјата на Премиер лигата – Франк де Бур. Тој рече дека не било добро тоа што јас сум му тренер на Маркус Рашфорд. Ако тој му беше тренер, Маркус ќе научеше само да губи, бидејќи тој губеше во секој натпревар“, изјави Мурињо.

Франк де Бур ја почна сезоната како тренер на Кристал Палас, но беше отпуштен по само 77 дена, односно 4 лигашки кола, бидејќи ги изгуби првите 4 натпревари без притоа неговиот тим да постигне гол.

Од друга страна, Маркус Рашфорд го реши дербито против Ливерпул овој викенд, со двата гола во мрежата на Лорис Кариус. Натпреварот заврши со победа на Манчестер Јунајтед, со резултат 2:1.

Коментирај