Фудбал

Мурињо го загуби трпението: Погба на лето заминува од Јунајтед

17. април 2018 - 11:57 | М.Д.

Францускиот играч за врска, Пол Погба, ова лето ќе си замине од Манчестер Јунајтед, ексклузивно дознава англискиот „Daily Mail“.

Тренерот на „Црвените ѓаволи“ Жозе Мурињо, според пишувањата на добро упатениот новинар Крис Велер, го загубил трпението со Пол Погба и нема апсолутно ништо против Французинот на лето по втор пат да го напушти клубот од „Олд Трафорд“.

Според овие шпекулации, капката која ја прелила веќе наполнетата чашка бил натпреварот против ВБА во неделата, кој Јунајтед го загуби со 0:1 на домашен терен, а во кој токму Погба беше еден од најслабите играчи на теренот.

Мурињо го замени во 58 минута при резултат од 0:0, а Португалецот беше доста јасен после натпреварот преку кој Јунајтед му ја обезбеди титулата шампион на Сити.

„За мене постои само еден критериум за избор на играчи, а тоа е какви се тие на теренот. Или барате од мене да гледам кој е поскап, кој колку заработува или кој е поубав? За викенд не очекува полуфиналето од ФА Купот против Тотенхем. Кој во средата против Борнмаут ќе одигра добро, ќе биде во тимот за натпреварот против Спарс. Меѓутоа, против ВБА имаше многу играчи за кои нема место во таа екипа“, нагласи Мурињо.

За потсетување, Погба се врати во Манчестер Јунајтед во летото 2016 година, во тогаш текорден трансфер од 105 милиони евра.

Французинот оваа сезона постигна само пет погодоци, што е помалку од дури 18 останати играчи за врска во Премиер лигата, додека на соиграчите успеа да им креира само 34 шанси.

Коментирај