Спорт
ЛИГА НА ШАМПИОНИ 2019/20

Мурињо: Прво немав напаѓачи на клупа, сега немам на терен

19. февруари 2020 - 13:30 | Ф.З.

Тотенхем вечерва без напад ќе го пречека Лајпциг, а Жозе Мурињо до последен момент ќе се мисли кого да го пушти в оган.

Вечерва од 21 часот на „Тотенхем Хотспар“ стадионот во северен Лондон гостува Лајпциг во рамките на осминафиналето од Лигата на шампионите. Незгодните Германци во најлош можен момент одат кај тимот на Мурињо кој откако остана без голгетерот Хари Кејн сега го загуби и Хјон-мин Сон.

„Ќе играме со оние играчи кои ги имаме на располагање. Тие ќе дадат сѐ од себе, всушност тоа и го прават. Имаше период кога бев загрижен дека немам офанзивци на клупата, а сега сум загрижен дека немам опции во нападот на теренот“, загрижен е Мурињо.

Причината е повредата на Кореанецот Хјон-мин Сон кој поради фрактура на раката ќе биде во аут до крајот на сезоната.

„Повторно сезонава нема да можеме да сметаме на Сон. Ако одигра два или три натпревари тоа ќе биде само бидејќи некој е преголем оптимист. Јас лично не сметам на него. Ситуацијата со него не може да биде полоша, поради опциите во нападот. Но, тука не можеме да направиме ништо“, вели португалскиот стратег.

Од опциите во нападот Мурињо го има само 18-годишниот ирски напаѓач Трој Парот кој сезонава во Премиер лигата има одиграно само 5 минути, а во Лига купот има 66.

„Мое мислење околу нашиот напад е дека Трој Парот не е подготвен, додека Рајан Сесењон не е напаѓач“. Тогаш прашање е кого Мурињо ќе го игра како напаѓач вечерва.

Хари Винг е играч од средниот ред за кого постоеја шпекулации дека би можел да се пресели понапред за да ја пополни дупката во нападот. Но, самиот тој демантираше такво нешто, велејќи дека не знае да игра како напаѓач.

„Играњето во напад не е за мене. Голем удар за нас е повредата на Сон, а тој беше во добра форма. Тој на тимот му дава многу повеќе од голови. Допринесува со напорна работа и енергија. Огромна загуба е за нас, но имаме добри играчи кои ќе пополнат место. Важно е да не мислиме многу на тоа сега бидејќи нема да ни донесе ништо позитивно. И порано сме наоѓале начини да се снајдеме“, оптимист е Винкс.

Натпреварот ќе го суди Џунејт Чакр од Турција.

Коментирај