Фудбал
ЛИГА НА ШАМПИОНИ 2019/20

Мурињо: Сакам уште утре да биде 1 јули

20. февруари 2020 - 19:10 | Ф.З.

Повредите на напаѓачите Кеј и Сон се голем проблем за Мурињо кој по синоќешниот пораз дома од Лајпциг изјави дека едвај чека да дојде летниот преоден рок.

Без прав напаѓач во тимот Тотенхем синоќа не успеа да постигне гол пред своите гледачи на „Тотенхем Хотспар“ стадионот во северниот дел од Лондон. Германските гости од Лајпциг со гол постигнат од пенал си заминаа со мала, но значајна победа.

Со оглед на тоа што Тотенхем истите проблеми во нападот ќе ги има и на реваншот, тешко е за верување дека тимот на Жозе Мурињо ќе мине во четвртфиналето.

„Многу е тешко да се опише правецот по кој ќе се движи тимот во блиска иднина. Ќе менуваме системи и тактики во зависност од тоа кои играчи ќе ни бидат на располагање“, реќе Португалецот.

Синоќа Мурињо како напаѓач го употреби Бразилецот Лукас Моура, кој всушност игра како десно крило или пак треквартиста.

„Ламела не тренираше ниту еднаш, само се загреваше завчера колку да го фатат камерите, но не тренираше со тимот. Сепак, ги одигра последните 20 минути онака како што можеше. Лукас и Бергвајн, двајца многу изморени играчи, дадоа сѐ од себе. Она што ме држи самоуверен е духот и менталитетот на моите играчи, она што се како група. Фантастична група на играчи“.

„Ќе мора да пробуваме разни работи со оглед на тоа што Ламела може да издржи само околу 20 минути игра. Доколку би можел, веднаш би патувал во иднината, до 1 јули. Но, мораме да се бориме до крај“, вели Мурињо.

На 1 јули почнува летниот преоден рок и нормално дека Мурињо едвај чека да купи некој играч. Сепак, за наредната сезона на располагање ќе ги има и Хари Кејн и Хјон-мин Сон, но ќе мора да донесе и некој резервист, токму поради вакви несакани ситуации.

„Се наоѓаме во многу деликатна ситуација. Горд сум на момците, но она што ме загрижува е ситуацијата за остатокот од сезоната. Во поглед на реваншот во Лајпциг, можам само да гарантирам дека ќе одиме таму да се бориме до нашите крајни граници“.

Реваншот на „Ред Бул Арена“ е закажан за 10 март.

Коментирај