Хроника

МВР: Двајца тинејџери осомничени за кражби во автомобили во Скопје

19. јуни 2017 - 17:30 | Макфакс

Двајца тинејџери од Кавадарци и од Скопје се осомничени за повеќе тешки кражби во автомобили што беа извршени минатиот месец во гаражи низ Скопје.

Секторот за внатрешни работи – Скопје поднесе кривична пријава против А.В. (18) од Кавадарци и Р.М. (17) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека извршиле 11 тешки кражби во патнички моторни возила, пет кражби во обид и две кражби на велосипеди. На тој начин се стекнале со противправна имотна корист од околу 110.500 денари, а предизвикале и голема материјална штета.

Според информациите на МВР, пријавените ги извршиле кражбите на 25 мај, во периодот од 04 часот до 06:30 часот, во гаражите од зграда на ул. „Димче Мирчев“ бр. 20.

„Истите, со употреба на соодветен алат, насилно влегле внатре и отвориле вкупно девет возила, додека пребарување извршиле во внатрешноста од пет возила при што пронашле и одзеле околу 500 денари, една кошула, очила, навигациски уред, мобилен телефон и други предмети. Покрај предметите од возилата, пријавените од гаражата одзеле и два велосипеди“, соопшти МВР.

Во саботата првопријавениот А.В. е приведен и со него е извршен разговор во кој истиот го појаснил начинот на извршување на кривичните дела.

Од МВР велат дека преземаат дополнителни мерки и активности во насока на расчистување на други кражби во автомобили извршени на подрачјето на град Скопје во затворени паркинг простори и на други локации, по што ќе бидат доставени соодветни поднесоци.

Коментирај