СВР Скопје соопшти дека е поднесена кривична пријава против лицата А.Б. (60) од Тетово и А.Ш. (22) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ за време на насилните протести во Собранието на 27 април.
„Првопријавениот А.Б., откако насилно влегол во Собранието, во прес салата се туркал и се обидел физички да се пресмета со обезбедувањето на пратеникот О.С., упатувајќи им закани. Во моментот кога сакал да се доближи до пратениците бил задржан од страна на друго лице. Второпријавениот А.Ш. насилно ја отворил влезната врата на Собранието, удирајќи ја со раце и нозе, притоа туркајќи ги и влечејќи ги полициските службеници поставени во кордон пред вратата. За преземените дејствија на двајцата пријавени обезбедени се видео записи, со нив биле извршени разговори во кои целосно ги појасниле преземените дејствија, по што истите се ослободени“, пишува во соопштението од МВР.
Исто така, до Основно јавно обвинителство Скопје доставени се три Известувања. Првото се однесува за извршени прегледи на видео материјали од настаните на 27.04.2017 година во Собранието при што било утврдено дека осум лица се присутни во Собранието, но немаат преземани никакви дејствија. Второто се однесува на барање за издавање Наредби до мобилен оператор за издавање на листинзи на телефонски број сопственост на лице за кого претходно е поднесена кривична пријава и извршен претрес во дом и други простории. Третото известување се однесува за обезбедена целокупна здравствена документација на лица кои се пријавиле како оштетени од наведениот кривично правен настан во ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје.
СВР Скопје извести и дека бил извршен разговор и со лицата О.Р. (42) и С.М. (51), двајцата од Скопје и вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање. По извршениот разговор тие биле ослободени, а во консултации со Јавен обвинител ќе биде поднесен соодветен поднесок.