Министерството за внатрешни работи се огласи за вчерашните апсења на двајца жители на Врапшчите кои инститираа на средба со градоначалникот, Исен Шабани од ДУИ, откако беше прекината работата на реставрација на црквата Света Петка.
Од тука велат дека во 10 часот од страна на полициски службеници од НККР Гостивар, градежен инспектор од општина Врапчиште и ангажирана геодетска фирма извршен е увид на локацијата каде се наоѓа црквата во атарот на с. Галате. Увидот е извршен по претходно отворена пријава на 9 септември од страна на инспектор за урбанизам при општина Врапчиште за бесправна градба на оваа локација, а по завршување на увидот, од страна на градежниот инспектор местото е околчено со арматури и трака.
„Околу 15 часот од страна на лицето Д.П., во присуство на неколку граѓани, отстранета е арматурата и траката, по што групата граѓани се упатиле пред општина Врапчиште, каде се одржал мирен протест. Од страна на Д.П. и уште две лица, дел од траката е залепена преку влезната врата на општината, а по извесно време Д.П. со група од околу 10 луѓе влегува во објектот на општината, со цел да бидат примени од страна на градоначалникот Исен Шабани. По извесно време, градоначалникот се согласил да ги прими, но со услов разговорот да не се снима со приватни телефони. Групата граѓани одбиле да го направат тоа и градоначалникот побарал да го напуштат објектот. Откако не го напуштиле, градоначалникот побарал од полициските службеници да го испразнат објектот, по што од страна на полициските службеници при ПС ОН Гостивар на групата граѓани им е дадена наредба да го напуштат објектот на општината, нешто кое Д.П. и уште едно лице одбиле да го направат и пружиле активен отпор на полициските службеници. Двете лица се приведени во просториите на ПС Гостивар и по извршен службен разговор со нив и направена консултација со јавен обвинител, истите се пуштени да си одат“, велат од Министерството.
МВР апелира за воздржување од било какви тензии по однос на овој настан. Било кое подгревање на меѓуетнички и меѓурелигиски тензии било на јавен простор или преку социјални медиуми ќе биде предмет на кривично-правен прогон од страна на МВР.
„Македонското општество е засновано на меѓусебна почит и толеранција, а нашите темелни уставни вредности се гарант дека никој нема право да ги користи верските прашања во дневно-политички цели. МВР во текот на утрешниот ден ќе направи средби со сите чинители кои можат да придонесат за расчистување на овој настан“, се наведува во соопштението.
Жителите на Галате викендов почнаа со градежнни работи, за реставрација на црквата Света Петка кај гостиварко Врапчиште, но по налог на Градежниот инспекторат од општината, полицијата ги прекина работите, а црквата денес беше оградена со лента на којашто пишуваше „Градежен инспекторат (општина Врапчиште)“.
Граѓаните инситираа на прием кај градоначалникот на општина Врапчиште, но до средба не дојде.
Црквата Света Петка се наоѓа на магистралниот пат помеѓу Врапчиште и Тополица. Беше запалена од страна на УЧК во во 2001 година.