Култура

МЗШВ: Поставен е нов рекламен банер на саемот во Берлин, за техничката грешка е поведена постапка

22. јануари 2020 - 13:05 | МИА/КАЈГАНА

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) денеска соопшти дека е поправена техничката грешка со рекламниот банер поставен на македонскиот штанд на саемот за храна и земјоделство „Зелена недела“ во Берлин. Веднаш по реакцијата од страна на МЗШВ до организаторот на саемот, направен е нов рекламен банер кој веќе е поставен на македонскиот штанд.

 

Според Министерството, првичниот банер беше предлог на компанијата „Кадино“, која дизајнот го има препратено до организаторот на саемот. Притоа, направена е техничка грешка при преводот, за што МЗШВ веднаш реагираше и во најбрз рок се подготви нов рекламен банер.

- Веќе се работи на покренување постапка за утврдување одговорност кај лицата од Министерството вклучени и задолжени во организацијата на саемот. Инаку, кактеристично за овој саем е што земјите се претставуваат со нивни традиционални производи. За нас, еден од тие производи е бурекот и затоа решивме годинава да се стави фокус на овој традиционален производ. Денеска македонкиот штанд го посети светски познатиот критичар за храна, Дирк Хофман, кој го оцени македонскиот бурек како еден од највкусните и најуникатните традиционални производи, наведува МЗШВ.

Македонскиот штанд, додава, е еден од најпосетените на саемот. Дневно се поделени над 300 пити бурек и останати пецива. Темите варираат секоја година, во зависност од тоа кој ќе пројави интерес да соработува со МЗШВ.

Во првичниот банер стоеше „North Macedonian Cousine“ односно „Северномакедонска кујна“. Согласно упатството што го објави Министерството за надворешни работи на 22 февруари, 2019 година, по менувањето на името, „официјалното име на земјата е Република Северна Македонија, односно Северна Македонија, државјанството е македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, официјалниот јазик е македонски, а кодовите за земјата се МК и МКД.“

Во упатството за медиумите се објаснува дека придавката „македонски” треба да се користи за етничкиот и културниот идентитет на граѓаните, за нашиот јазик, култура, наследство, територија и други атрибути, па се даваат примери како: македонски етнички идентитет, македонски јазик, македонска култура, македонска територија, македонски народ, македонска историја, македонски планини, македонска литература, македонска кирилица, македонска храна, македонски цркви и слично, но, никако „северномакедонски” како придавка во истите примери.

Коментирај