Кошарка

МЗТ паузата ќе ја искористи за промени во тимот

12. февруари 2020 - 13:10 | Ф.З.

Поради квалификациските настапи на репрезентацијата, клупската кошарка во наредните три недели ќе мирува, а од таборот на актуелниот шампион најавија како ќе ја искористат.

МЗТ е лидер во македонската лига, а е втор во АБА 2 регионалната лига. Сепак, од клубот велат дека простор за напредок секогаш има. 

„Резултатски не можам да бидам незадоволен од тоа што досега е направено, но нормално е секогаш да се цели кон нешто уште подобро. Првичните замисли ни беа да атакуваме на двата домашни трофеи како и најмалку на пласман во плејофот во АБА 2, но подготвени сме да сториме сѐ што е во наша моќ да го дооформиме тимот со кој би дошле до финалето, а таму нека победи подобриот“, вели извршниот директор на МЗТ, Тони Грнчаров.

Тој призна дека во клубот не се задоволни од настапите на некои од странските кошаркари и најави промини.

„Не е тајна дека не сме задоволни од учинокот на дел од странските засилувања и во следниот период дефинитивно ќе направиме претумбации во тој дел. Активни сме на пазарот барајќи поквалитетни дополнувања, иако немаме премногу време, бидејќи преодниот рок во АБА завршува в сабота. Промени сигурно ќе има, но на кои позиции и место кои интернационалци, дополнително ќе биде решено“, заврши Грнчаров.

МЗТ има петторица репрезентативци и тоа Дамјан Стојановски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Кристијан Николов и Бојан Крстевски, а дел од стручниот штаб на репрезентацијата ќе бидат и тренерот Ѓорѓи Кочов и неговиот помошник Никола Велев.

Коментирај