Македонија

На 5 јули пресуда за обвинетите за обид за убиство на Села

2. јули 2018 - 16:16 | МИА

Скопје, 2 јули 2018 (МИА) - На 5 јули во Кривичниот суд Скопје судечкиот совет ќе ја донесе пресудата за седуммината обвинети за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села во Собранието на РМ на 27 април 2017 година.

Во завршните зборови на одбраната во попладневниот дел од рочиштето, адвокатите побараа ослободителни пресуди за сите, со образложение дека за ниту еден од нив не постојат докази дека се обиделе да го убијат Села.

Адвокатката на Андреј Мицов, Маја Дојчиновска рече дека ОЈО не може да докаже дека лицето со фантомка кое носело зелена маица е токму Мицов, бидејќи не е пронајдено ништо од облеката на лицето со фантомка при претресот во во домот на Андреј Мицов.

Одбраната на Никола Војминовски смета дека тој не е виновен и оти со доказите се утврдува дека не дејствувал со ништо за да го предизвика обвинението, пднодно утврдено е дека обвинетиот немал никаков контакт со Села и не можел да посегне по неговиот живот. Адвокатот на Војминовски рече дека, според изјавите на сведоците, се докажува дека Никола, како и многу други граѓани тој ден биле во Собранието и оти нема доказ дека тој ќе посегне по животот на Села.

Обвинетиот Коста Делов пред Судот рече дека се кае што тој ден бил во Собранието и се изјасни дека не е виновен за делото за кое се товари. Пред Судот посочи дека тој не е убиец.

Ослободителна пресуда во завршните зборови побара и адвокатот Бојан Маневски, кој рече дека неговиот клиент Александар Јаневски – Тошта не само што немал намера да го убие Села, туку тој му помогнал да остане жив. Според Маневски, не е точна констатацијата на обвинителот дека тоа што мислеле обвинетите дека Села е мртов и тоа го спасило од смрт, туку точно е тоа дека Села бил спасен од Тошта.

На последното рочиште во врска со овој случај на Стојан Павлевски му беше изречени казна затвор од три години, а на Цејо Георгиевски една година и два месеци. Во казната на обвинетите им се пресметува и времето поминато во притвор. Павлевски и Георгиевски треба да ги намират сите трошоци.

Првично во овој случај беа обвинети десетмина, но Обвинителството пред да се започне со завршните зборови го повлече обвинението против Сашо Сенков, за кого обвинителот посочи дека нема доволно докази оти го сторил делото.

За обид за убиство на Села, според новиот обвинителен акт, обвинети се Кире Георгиевски, Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски и Коста Делов.

Коментирај