Граничната полиција на Северна Македонија синоќа не ѝ дозволила на екипата на Агенцијата БГНЕС, Антон Станков и Велислав Илиев, да влезе на територијата на државава, велат од оваа агенција.
„По повеќекратно враќање назад кон зградата на граничниот премин Делчево/Станке Лисичково од бугарска страна, дежурниот полицаец одбил да дозволи влез на екипата со образложение дека 'нема дозвола од надлежното министерство во Скопје'. Од почетокот на годината, истиот тим во повеќе наврати ја посетува РСМ без посебни акредитации или други видови дозволи. По долга 'проверка', засрамените гранични полицајци на граничниот премин Делчево ѝ објасниле на екипата на БГНЕС дека 'најпрво треба да поднесе барање до Министерството за надворешни работи на Бугарија, кое по проценка треба да се обрати до македонското Министерството, кое потоа ќе одлучи дали ќе ни даде акредитација'. На европскиот континент слични практики за попречување на работата на новинарите постојат само на територијата на Белорусија“, се вели во соопштението на БГНЕС.