Култура

На денешен ден во Охрид почина Григор Прличев

6. февруари 2020 - 10:59 | Кајгана / МИА

На денешен ден, во 1893 година во Охрид почина Григор Прличев, еден од темелните македонски писатели од 19 век.

Меѓу најпознатите негови остварувања се поемите „Сердарот” и „Скендербег”, како и познатото дело „Автобиографија”.

Со поемата „Сердарот”, која ја напишал во студентските денови и за која на поетски конкурс во Атина добил Лаворов венец, историски ја верификувал големината на својот поетски талент.

Ова поетско дело и до денешен ден според многу елементи на епското пеење се уште не е надминато.

Роден е во Охрид, на 30 јануари 1830 година. Прличев бил ученик на Димитрија Миладинов, кој во тоа време учителствува во Охрид. Извесно време се вработува како терзија, а подоцна станува учител во Тирана, Албанија. Во 1849 година се запишува како студент по медицина на Атинскиот универзитет. Во текот на периодот од 1850 до 1859 година повторно се враќа во Македонија и учителствува на повеќе места: Долна Белица, Струшко, Битола, Прилеп и Охрид, за да обезбеди услови за продолжување на студиите. Во 1859 година повторно доаѓа во Атина како студент на втора година по медицина. Во овој период ја пишува поемата „Сердарот“. Во 1860 ја добива наградата на големиот атински конкурс за најдобра поема на грчки јазик, паричен дел и Лаворов венец. Истата година делото излегува од печат. 

Поетската творба Сердарот се смета за апсолутен врв на сиот влог што во уметноста на зборот овој творец го дал. За книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија на романтизмот. За неа авторот во Атина е наречен втор Хомер. 

Коментирај