Во последниот период во Македонија се актуелизираше темата за зголемување на возраста за одење во пензија, и предизвика многу разговори околу тоа дали овој потег би бил добар за во иднина. Затоа, решивме да направиме мало истражување.
Од целиот свет, жените во Кина одат најрано во пензија, додека жените во Грција и Норвешка најмногу чекаат додека да стигнат до пензионерски статус.
Во соседна Грција жените одат во пензија на дури 67-годишна возраст, а ист е случајот и во Норвешка. Ова се двете земји во светот каде жените најдоцна се пензионираат. Ништо подобар не е случајот ниту во САД, каде старосната граница за одење во пензија е 66 години.
Да потсетиме, жените во Македонија можат да одат во пензија по навршување на 62 години, а истата возраст важи и во Јапонија.
Со повисока граница од нашата можат да се „пофалат“ и Холандија, Италија, Австралија, Германија, Франција и Мексико, каде границата е 65 години, додека жените во Велика Британија и Израел одат во пензија на 63 години.
На дното на листата се наоѓаат неколку изненадувачки имиња, но таму нема да ве изненади присуството на Кина, која жените ги праќа во пензија на само 50 години. Силната економија на оваа азиска земја им дозволува порано пензионирање на жените со цел да се отворат работни позиции за помладите. Со тоа Кина ја одржува желбата за работа, но и ефикасноста во работењето.
Веднаш зад неа се наоѓаат Саудиска Арабија и Русија, каде жените одат во пензија на 55-годишна возраст, додека Индонезија и Турција имаат пропишано 58-годишна возраст пред жените да можат да квалификуваат за одење во пензија.