Над 450 гости кинематографери од САД, Обединетото Кралство, Италија, Франција, Шпанија и Австралија заедно до домашната публика, вечерва во Битола ќе минат на црвениот килим за да го проследат свеченото отворање на 45-тото издание на Фестивалот „Браќа Манаки“.

Меѓународниот собир и натпревар на кинематограферите ќе почне со доделување на наградата Златна Камера 300 за животно дело која годинава му припадна на францускиот кинематографер Бруно Далбонел, како и со доделување на наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм, чиј добитник е Димитар Грбевски, македонски филмски и телевизиски монтажер.
Во текот на фестивалот којшто трае до 27 септември ќе бидат емитувани 12 филмови во главната селекција за наградите Камера 300, почнувајќи од „Партенопе“, филм со кој вечерва почнува фестивалот.