Живот

Најбогатата пејачка за која никогаш немате слушнато: Која е Хелен Фишер?

23. ноември 2018 - 12:35 | К.З.

Германско-руската пејачка Хелен Фишер годишно заработува далеку повеќе од глобални музички ѕвезди како Селин Дион и Бритни Спирс а сепак ретко се наоѓа човек што знае која е таа.

Фановите на поп музиката често почнуваат дебати дали Кејти Пери или Тејлор Свифт треба да заработува повеќе. Оваа година листата на Forbes ја предводи токму Кејти Пери, но на осмото место на листата пејачки со најголема заработка се наоѓа името Хелен Фишер. Кој?

Фишер е германска пејачка со руско потекло за која не се знае многу бидејќи таа преферира да го чува нејзиниот приватен живот во тајност. Таа е во брак со Флоријан Силберајзен, германски музичар и ТВ водител кој го има тетовирано нејзиниот лик на раката во знак на љубов и верност.

Кога зборуваме за звукот кој го емитува музиката на Фишер, може да кажеме дека е во најмала рака чуден. Таа пее германски шлагери во традиционален стил – музика која е во изумирање веќе подолго време, но таа ја зачинува со електронски и синт-поп елементи. Малкумина надвор од Германија можат да се пофалат дека знаат за каква музика се работи, бидејќи таа излегува надвор од границите само преку германските мигранти.

Сепак, Фишер настапува почесто отколку што очекувате – таа секоја година настапува на преку 65 локации во земји како Австрија, Холандија, Швајцарија и Белгија. Покрај концертите, пејачката секоја година подготвува по еден ТВ специјал секој Божиќ, за кој е повеќе од солидно платена.

Сите овие ангажмани ѝ донесоа 32 милиони долари заработка на Фишер во текот на изминатата година, со што се пласираше на осмото место на листата на пејачки со најголема заработка според Forbes. Нејзината публика ја обожава и ја следи секаде каде што настапува, што дополнително придонесува за вкупната зарботка.

Коментирај